Шкријељ: Жените се многу поодговорни како лидерки и помалку подложни на корупција

Пратеничката во македонското собрание Санела Шкријељ на третиот модул „Управување со време и приоритети” од Програмата „Future is Feminist” што викендов се одржа во Охрид потенцираше дека најважната работа кај делегирањето задачи е довербата, а крајната цел е да се научи како да се управува со важни задачи пред тие да станат итни.

„Многу често се случува да ни излезат задачи коишто не сме ги планирале, а наша обврска е да треба веднаш да дејствуваме. Ова е проблем доколку ни се случува секој ден и затоа потребно е да научиме да ја правиме разликата од важно, неважно до итно. Тоа што е важно многу ретко е итно и тоа што е итно многу ретко е важно. Идејата е да научиме да ја забележуваме разликата меѓу итни и важни работи, и полесно да избереме што ќе правиме во одреден момент. Ова ќе ни помогне да го разгледаме долгорочното влијание на реализацијата на одредена задача и на тој начин да одлучиме дали ќе ја извршиме задачата во тој момент, подоцна или ќе делегираме. Но, во одредени случаи треба да се соочиме да кажеме и „не” на работи што ниту се важни, ниту пак итни”, истакна Шкријељ.

Таа, посочи дека истражувањата покажуваат дека жените се и многу поодговорни како лидерки и се помалку подложни на корупција.  

„Не можеме да зборуваме за оддржлив развој ниту за праведно општество доколку жените не се подеднакво присутни во процесите на одлучување и управување и во јавниот и во приватниот сектор и имаат еднаков пристап до сите ресурси во општеството. Вакви програми за јакнење на женското лидерство се навистина значајни, затоа што истражувањата покажуваат дека жените се и многу поодговорни како лидерки и се помалку подложни на корупција. Родовата еднаквост не смее да биде само слоган, туку мораме да ја направиме реалност за секоја една во нашето општество”, рече Шкријељ.

На третиот модул, учество зедоа и консултантката за менаџирање со луѓе и експертка за кариерен развој Ивана Дојчиновска-Стојановиќ и директорката на СИГА Мила Царовска.

Програмата „Future is Feminist” којашто е во организација на Фондацијата Фридрих Еберт и Асоцијацијата за одржлив и инклузивен развој „SIGA” претставува серија на обуки за млади и инспиративни девојки и жени кои се спремни да учат, водат и служат на демократските процеси, како и да целат кон развој на нивната кариера во бизнисот или политиката.

Низ интерактивни предавања, учесничките се стекнаа со знаење како да управуваат со времето и приоритетите, како да ја дефинираат личната мисија, да делегираат задачи и донесат одлука, но и како да постигнат тимски резултати преку моќта на планирањето.

Треба да знаете
Последни објави