Демократскиот сојуз на грчкото етничко малцинство во Албанија „Омонија“ обвини, како што наведува, за прекршувањето на правата на малцинствата од страна на попишувачите во текот на пописот на населението и домовите.
Преку соопштение за јавноста „Омонија“ наведува дека во областите населени со припадници на грчкото малцинство зачестиле случаите кога попишувачите „вршат емотивен притисок врз граѓаните кога тие инсистираат да им се запишат одговорите за нивното грчко потекло и православна вероисповест”.
– Попишувачите често се појавуваат без потребната електронска опрема (таблет) и собираат податоци на хартија. Во многу случаи тие воопшто не се задржуваат на делот од формуларот кој се однесува на податоци за етничка и верска припадност и мајчин јазик. Забележани се зачестени случаи кога попишувачите вршат емотивен притисок врз граѓаните кога тие инсистираат да им се запишат одговорите за нивното хеленско потекло и православна вера, стои меѓу другото во соопштението.
Притоа, се додава понатаму, дека „несфатливо и недозволиво е тоа што надлежните органи во подрачните единици за следење на процесот, манифестираат намерна индиферентност кон поплаките на граѓаните во однос на прекршување на правилата за попис“.
Пописот на населението и домаќинствата почна на 18 септември и ќе трае шест недели, а првичните резултати Институтот за статистика, ИНСТАТ, ги најави за јуни 2024 година.
Ова е 12. попис во земјата, првиот е спроведен во 1923 година.
Последниот попис беше во 2011 година, кога произлезе дека земјата има 2.821.977 жители, со намалување од осум отсто споредено со претходниот попис, во 2001 година.