Иранскиот претседател Ебрахим Раиси во интервју за Си-Ен-Ен изјави дека напорите за нормализирање на односите меѓу Израел и арапските земји од Персискиот Залив, вклучително и Саудиска Арабија, нема да успеат.
Израел се приближи до Обединетите Арапски Емирати, Бахреин, Мароко и Судан по дипломатската иницијатива предводена од САД во 2020 година. Воспоставувањето врски со Саудиска Арабија, дом на некои од најсветите места на исламот, ќе биде големо достигнување за Израел и ќе ја промени геополитиката на Блискиот исток, коментираат познавачите.
Во истото интервју, Раиси рече дека Иран не кажал дека не сака инспекторите од Меѓународната агенција за атомска енергија да ја посетат земјата. Од друга страна, пред неколку дена Техеран им забрани на неколку нуклеарни инспектори на МААЕ да влезат во земјата.
Раиси рече и дека Иран збогатува ураниум до 60 отсто како одговор на кршењето на иранскиот нуклеарен договор од страна на европските земји. Раиси додаде дека Техеран официјално соопштил дека овие акции не се насочени кон тоа Иран да се здобие со нуклеарно оружје, туку се одговор на тоа што европските земји не се придржуваат до своите обврски од нуклеарниот договор.