Никола Обрадовиќ од Центарот за граѓанско образование денеска изјави дека нивно истражување покажало дека дури 40 отсто од младите во Црна Гора планираат да ја напуштат земјата, оценувајќи дека тоа е загрижувачко.
Обрадовиќ во утринската програма на ТВЦГ кажа дека тоа што Црна Гора е на врвот на рангирањето според годините во кои младите живеат со родителите, мора да има последици.
-Се надевам дека во иднина ќе создадеме сет мерки за решавање на проблемот со напуштањето на државата на младите, рече Обрадовиќ.
Економскиот аналитичар од Сараево, Игор Гарван, во истата емисија предупреди дека намерата на младите да ја напуштат земјата навестува големи економски проблеми во иднина. Тој објасни дека ваквиот тренд ќе доведе до недостиг на работна сила, а со тоа и помали странски инвестиции.
Гавран вели дека веќе се чувствуваат економските последици од одливот на млади во регионот.
-Тоа што можеме да го очекуваме е дека со потешки услови за живот на младите и поголема намера за емигрирање, во иднина ќе има се помалку работна сила. Како резултат на тоа, имате помал интерес од инвеститорите, бидејќи зошто некој би дошол во вашата земја и би отворил нови капацитети каде што ќе му треба работна сила, а треба да ја увезе. Секако дека тој ќе оди на подобро место, рече Гавран.