Трофејниот холандски фудбалски клуб Ајакс денеска преку одвоени соопштенија се огради од навивачите кои предизвикаа прекин на вчерашното дерби против Феенорд и воедно му врачи отказ на спортскиот директор Свен Мислинтат.
Дербито меѓу Ајакс и Феенорд беше прекинато во 55. минута поради дивеење на домашните навивачи при резултат 0-3 за гостинскиот тим.
-Раководството и Надзорниот одбор се оградуваат од сè што во неделата доведе до прекин на натпреварот со Феенорд, како и од сè што дополнително се случуваше. На такво однесување нема место во Ајакс. Разочарувањето поради лошиот старт на сезоната е разбирливо, но тоа не смее да биде оправдување за инциденти, соопшти Ајакс.
Во одвоено, исто така, штуро соопштение, клубот од Амстердам објави дека спортскиот директор Мислинтат е отпуштен, само пет месеци откако беше назначен на должноста.
-Соработката меѓу Ајакс и Свен Мислинтат е прекината и оваа одлука станува на сила веднаш, се наведува во клупското соопштение.
Ајакс по воведните четири натпревари во холандското првенство освои само пет бодови и се наоѓа на 14. место на табелата.