Сè повеќе граѓани на Србија пријавуваат на лекарите иритирачка, постојана кашлица која може да трае од шест до осум недели. Лекарите не можат да ја дијагностицираат или утврдат точната причина за оваа кашлица.
Пулмологот Весна Радуловиќ за Нова.рс потврди дека кашлицата не стивнува и по третман со разни антибиотици, антихистаминици или сирупи за кашлица. Според неа, треба да почекате кашлицата „сама да си помине“, а треба да се јавите кај вашиот лекар доколку кашлицата трае подолго од 15 дена.
„Каква и да даваме терапија – не помага. Луѓето масовно пристигнуваат со кашлица, без никакви други симптоми, а немаат алергии. Таа кашлица се обидуваме да ја смириме со антибиотици, антихистаминици, различни сирупи за кашлица, но не престанува, а кај некои пациенти трае од шест до осум недели“, вели др. Радуловиќ. Таа ги советува пациентите дека мора да одат на преглед на лекар, доколку е потребно, да направат тестови и доколку се во ред сите резултати, да чекаат да помине.
„Звучи неверојатно, но таа упорна кашлица обично поминува сама по себе, но дури по повеќе од еден месец. Разбирливо е дека луѓето се исплашени. Меѓутоа, во повеќето случаи, по скенирање и преглед на белите дробови, излегува дека се е во ред, дека сите наоди се чисти. Пациентите немаат температура, имаат апетит, нема слабост, болка, повраќање, или други симптоми освен кашлица“, вели докторката.
Таа објаснува и како појавата на оваа кашлица нема никаква врска со коронавирусот, иако се појавија неколку нови соеви кои моментално циркулираат кај населението.
„Пациентите се негативни на Ковид, ова е дефинитивно нешто друго. Да имаа корона, ќе имаше други симптоми“, објаснува таа.
Лекарите се убедени дека кашлањето е последица на загадениот воздух и оштетување на мукозните мембрани.
„Никој не знае што вдишуваме по цел ден. Кога луѓето ви велат „Гледам воздух“, а не треба, тие мислат на издувните гасови и многубројните супстанции кои влегуваат во нашите дишни патишта и ги иритираат. Ова е чудна форма на вирус кој ја оштетува слузницата на респираторниот тракт, навлегува во клетките, ги изложува нервните завршетоци, а потоа лесно се иритираат од присуството на чад, промената на влажноста на воздухот и слично. Потребни се месец до месец и половина за да се регенерира слузницата и да престане кашлицата. Кога ги прашувам пациентите како почнале да кашлаат, тие велат дека се започнало со течење на носот, а потоа кивање, а потоа и кашлање. Тоа нормално би укажало на алергија, но не се алергични на ништо“, објаснува пулмологот.
Таа советува дека, доколку кашлицата трае подолго од 15 дена, задолжително да посетите лекар.
„Доколку пациентот забележи гушење, свирење во градите, отежнато дишење, мора веднаш да се јави на лекар. „Во некои случаи има алергиски компоненти, некои имаат послаб имунитет, неодамна биле оперирани или заболеле од тешка форма на вирусот, па оваа непрекината кашлица брзо и лесно влегува во нивниот организам“, нагласи др. Радуловиќ.