Косово ја повика Србија да ги предаде вооружените лица за кои има сознанија дека избегале по престрелката со полиција во која загинаа четири лица во немирниот север на земјата, што ги влоши тензиите меѓу Приштина и Белград.
Вооружени триесетина напаѓачи упаднаа во селото Бањско и по престрелките се забарикадираа во српскиот православен манастир. Во престрелките беа убиени тројца напаѓачи, а претходно смртно настрада и еден полицаец. Обвинителството на Косово денеска објави дека на северот на земјата е пронајдено уште едно тело, при што се верува дека станува збор за лице кое учествувало во вчерашните престрелки. Бројот на убиените напаѓачи со тоа порасна на четворица.
-Телото е пронајдено околу 1,5 километри од местото на инцидентот. Се обидуваме да го идентификуваме, зашто кај себе немал никакви документи, изјави обвинителот Наим Абази, додавајќи дека на самото место е пронајдено уште едно возило со оружје.
САД ги осудија нападите врз полицијата и ги повикаа владите на Косово, поранешна српска покраина со 90 отсто етнички албанско мнозинство и Србија да го смират деценискиот антагонизам.
Вооружената косовска полиција денес ги пребара куќите во селото Бањско во потрагата по вооружени напаѓачи кои можеби не побегнале, изјави полициски извор за Ројтерс.
Селото остана затворено за новинарите.
Косовските власти соопштија подоцна во текот на денот дека се верува оти некои од вооружените напаѓачи избегале во Србија. Според косовскиот министер за внатрешни работи шестмина повредени членови на вооружената група се хоспитализирани во српскиот град Нови Пазар, во близина на северната граница на Косово.
Во северниот град Митровица, косовската полиција на новинарите им покажа околу 20 теренци и оклопен камион за кои рекоа дека биле користени од вооружените напаѓачи.
Три од возилата беа обоени со логото на КФОР – мировната мисија на НАТО на Косово.
Полицијата денеска покажа арсенал оружје и муниција за која рекоа дека се запленети, вклучително и автомати на поранешна југословенска армија, митралези, снајперски пушки, минофрлачи, противтенковски ракетни фрлачи, рачни гранати, нагазни мини и беспилотни летала.