Сондата со примерок од астероидот Бену слета на Земјата во неделата. Научниците на НАСА се надеваат дека материјалот може подобро да објасни како настанал животот на нашата планета. Би-Би-Си објаснува зошто примероците на Бену се толку важни и зошто ова е голем момент за НАСА.
Откако помина милијарди километри низ Сончевиот систем, капсулата OSIRIS-REx, која носеше скапоцени примероци од астероидот Бену, слета во пустината во американската држава Јута. Тимот задолжен за пронаоѓање на капсулата се трка со времето за време на извршувањето на нивната задача со цел да се избегне каква било контаминација, односно да се избегне мешање на прашина, нечистотија и микроби со примероците.
Се поставува прашањето зошто целиот овој долгорочен и комплексен проект е толку важен? Првата причина е што Бену е на врвот на листата на опасни астероиди на НАСА. Се наведува дека Бену не е само извор на страв, туку може да открие нешто за нашето потекло. Имено, Бену е реликвија од времето на формирањето на Сончевиот систем пред 4,5 милијарди години.
Откако вселенската сонда земала примероци за време на физичкиот контакт со астероидот кој траел само пет секунди, научниците веруваат дека биле собрани околу 250 грама камења и прашина. Сето ова ќе биде внимателно проучено од научниците. Прво треба да ја стават капсулата во изолирана и стерилна просторија, а потоа внимателно да ја отворат. Ќе бидат потребни неколку недели за да се открие што има внатре во капсулата, но научниците велат дека вреди да се чека.