Нова тужба против државата Белгија за неспроведување на политики за заштита на климата

Непрофитната организација „Климатска акција“ и над 70.000 лица покренаа нова тужба против Белгија со која бараат Судот да и наметне на државата спроведување задолжителни мерки за намалување на емисиите на гасовите што го предизвикуваат ефектот на стаклена градина.

Основениот суд во Брисел во јуни 2021 година, по шестгодишна судска постапка по претходна тужба, пресуди дека политиките за заштита на климата на белгиската Федерална и трите регионални влади – на Брисел, Валонија и Фландрија, „во голема мера се недоволни“ и дека тие не ги почитуваат своите обрски во оваа сфера со што „ги нарушуваат основните права на тужителите“.

Но, како што објави весникот „Соар“, според подносителите на новата тужба, и по две години четирите влади во голема мерка ја игонираат пресудата на бриселскиот Суд и не преземаат доволно мерки за намалување на емисиите на стакленички гасови.

Тужителите бараат државата да се обврзе на намалување на емисиите на овие гасови на белгиска територија за од 42 до 48 отсто до 2025 година и за од 55 до 65 проценти до 2030, споредено со нивното ниво во 1990 година.

Дополнително, се бара и казна за државата Белгија од по еден милион евра за секој месец доцнење во спроведувањето на пресудата по оваа тужба.

Адвокатката на „Климатска акција“, Одри Бејенс изјави дека бараат од Судот да постави конкретна цел за намалување на емисиите на стакленички гасови за 61 отсто до 2030 година.

– Овие 61 отсто се најмалиот минимум на кој се согласуваат сите експерти. Не е можно помалку. Секое намалување под овој процент ќе биде недоволно, изјави Бејенс.

Европскиот совет постави цел за намалување на емисиите на гасовите што го предизвикуваат ефектот на стаклена градина во ЕУ за најмалку 55 отсто до 2030 година споредено со нивото во 1990-та, како и за постигнување климатска неутралност до 2050 година.

Меѓутоа, според проценките на Европската агенција за животна средина, ЕУ нема да успее во остварувањето на зацртаната цел до 2030 година и дека со сегашните мерки и политики намалувањето на емисиите на стакленички гасови до крајот на оваа деценија ќе биде 41 процент.

Некои од земјите членки на ЕУ поставија поамбициозни цели за намалување на своите емисии на штетни гасови, како Германија која предвиде намалување за 65 отсто или Данска за 70 проценти до 2030 година.

Треба да знаете
Последни објави