Лутите градски ривали, најтрофејните македонски кошаркарски тимови Работнички и МЗТ Скопје од денеска имаат заеднички спозор – МТЕЛ !
Пред нецела година, лани во октомври МТЕЛ стана генерален спонзор на најтрофејниот тим во макбаскетот, Работнички Скопје со потпишување на четиригодишен договор за генерален спонзор на тимот од Градскиот парк.
Денеска се пофали и актуелниот македонски кошаркарски првак МЗТ Скопје дека нов партнер и спонзор на клубот во иднина ќе биде компанијата МТЕЛ, членка на Телеком Србија групацијата.
Соработката беше официјализирана со денешното потпишување на договорот помеѓу извршниот директор, Филип Ѓоревски и генералниот директор на МТЕЛ, Марко Лопичиќ, со што е обезбедена потребната поддршка за остварување на клупските амбиции како на домашна сцена така и во АБА2-лигата.
На свеченоста на кое беше промовирано новото спонзорство присуствуваа и градоначалникот на општина Аеродром, Тимчо Муцунски, како и генералниот директор на Телеком Србија, Владимир Лучиќ.
Договорот за спонзорство е потпишан на една година, со што МТЕЛ станува ексклузивен телекомуникациски партнер на нашиот клуб во текот на натпреварувачката сезона 2023/2024.