Шпанскиот обвинител поднесе второ даночно обвинение против колумбиската пејачка Шакира, обвинувајќи ја за измама на државата од 6,6 милиони евра во 2018 година.
Познатата кралица на латино попот веќе треба да оди на суд во ноември во Барселона за случајот со неплаќање даноци во висина од 14,5 милиони евра за периодот 2012-14 година, објави Ројтерс.
Иако таа негира дека сторила нешто лошо, таа може да биде осудена на осум години затвор.
Обвинителот во новиот случај тврди дека Шакира во 2018 година не пријавила, меѓу другото, добивка од 12,5 милиони долари како аванс за нејзината светска турнеја „Ел Дорадо“.
Во тоа време таа живееше во Барселона со Жерар Пике, ѕвездата на истоимениот клуб, со нивните две деца.
Обвинителите тврдат дека таа живеела во Шпанија и затоа била обврзана да плаќа данок на нејзините приходи таму, без разлика каде се остварени.
Наместо тоа, велат тие, таа ги пренасочила парите кон „компании со седиште во земји со ниски даноци“.
Шакира, која има продадено милиони плочи ширум светот, е обвинета дека не платила данок на доход од 5,4 милиони евра и се проценува дека должи шест милиони откако ќе се земе предвид пресметаната камата и доброволните плаќања.
Таа е обвинета и за измама на државата од 773.600 евра данок на богатство, што резултирало со долг од 625.190 евра.
Адвокатскиот тим на Шакира рече дека таа не добила никакво известување за новиот случај во Мајами, каде што сега е сместена.
Нејзиниот тим е фокусиран на подготовките за судењето за фискалната година 2012-14, што ќе започне на 20 ноември.
Пејачката одбила договор со обвинителите за споменатиот период, велејќи дека е убедена дека од самиот почеток постапувала правилно и транспарентно.