Опозициските пратеници Миливојевиќ и Алексиќ побараа оставка од Вучиќ поради „дебаклот“ на Косово

Пратениците од опозицијата Срѓан Миливојевиќ (Демократската партија) и Мирослав Алексиќ (претседател на Националното движење на Србија) денеска побараа оставка од српскиот претседател Александар Вучиќ поради, како што наведоа, повеќегодишната погубна политика кон Косово и последниот дебакл во Бањска со трагични последици.

Алексиќ за агенцијата Бета изјави дека за загубените животи на северот во Косово, Вучиќ мора да сноси одговорност.

„По вооружениот конфликт во Бањска, во кој загинаа најмалку четири лица, Александар Вучиќ ќе мораше да поднесе оставка. Милан Радоичиќ не можеше да вооружи неколку десетици Срби на север без знаење и одобрение на Вучиќ и српските безбедносни служби. Овие двајца се најодговорните за пролеаната крв во Бањска“, рече Алексиќ.

Тој додаде дека политиката на Српска листа, Српската напредна странка (СНС) и Александар Вучиќ кон Косово доживеала дебакл и дека Србија плаќа висока цена за погубната политика на режимот во Белград.

„Во последните десет години Вучиќ и СНС и ги предадоа на Приштина сите институции што ги имаше државата Србија на северот на Косово, а српскиот народ беше оставен сам на себе. Во исто време, функционерите на Српската листа станаа енормно богати со развој на бизниси низ цела Србија, изградија автопати, згради и хотели, станаа сопственици на огромен недвижен имот, па дури и на јахти. И сега доведоа до сигурна смрт млади и невини луѓе“, изјави Мирослав Алексиќ, претседател на Националното движење на Србија.

Пратеникот Срѓан Миливојевиќ од редовите на Демократската партија изјави дека српскиот претседател Вучиќ ќе мора да поднесе оставка бидејќи, како што рече, ја жртвувал српската младина во еднодневната војна со Албин Курти во Косово.

„Ако во тој налудничав чин учествувал потпретседателот на Српската листа, Милан Радоичиќ, тогаш е сосема јасно дека зад се стои режимот во Белград на чело со Александар Вучиќ. Да го организираше Радоичиќ или некој друг без согласност и наредба од Белград, тој веќе ќе беше уапсен или ќе беше крајот за Вучиќ“, изјави Миливојевиќ за агенцијата Бета.

Тој посочи дека државните институции ќе треба да соопштат колку лица загинале во Бањска, а колку се ранети и уапсени.

„На прес-конференцијата во неделата вечерта Вучиќ ги соопшти сите неточни информации. „Владата е должна да ги информира семејствата како и зошто загинале нивните најблиски“, рече Миливојевиќ.

Треба да знаете
Последни објави