Туристичката сезона годинава достигна рекордни бројки, а илјадници странци ги запознаа чудесните убавини на Албанија, јави АТА повикувајќи се на Институтот за статистика, ИНСТАТ.
Во периодот јануари-август годинава во земјата престојувале околу 7,2 милиони туристи, што значи зголемување од 26,9 отсто во однос на истиот период од минатата година.
– Само во август, кога е шпицот на туристичката сезона, во земјата влегле околу два милиони странски државјани или 18,3 отсто повеќе од август минатата година, додава агенцијата.
Во текот на август 2023 година, кога имало голем прилив на туристи, кои главно се сместувале во крајбрежните области на Албанија, најголем број биле од Европа или 1.951.489 граѓани. По Европа, следуваат од Америка и Источна Азија.
– Граѓаните од Косово и понатаму се најбројни туристи со околу една третина од посетителите. Годинава, за прв пат, Италијанците се најдоа на второ место со околу 10 отсто, а потоа следат другите земји од регионот, Црна Гора и Северна Македонија, наведува АТА.
Од друга страна и бројот на албанските граѓани кои патувале во странство е поголем за 18,9 отсто или надвор од земјата патувале 4.577.753 Албанци.
Според ИНСТАТ, во текот на месец август 2023 година надвор од земјата отпатувале 842.940, што е за 8,9 отсто повеќе во однос на истиот месец лани.