Шведската влада за утре свика кризен состанок за да преземе итни мерки откако за неколку часа се случија две силни детонации на различни локации во земјата.
Како што пренесува националниот ТВ канал SVT, во понеделникот вечерта во Хеселби во северозападниот дел на Стокхолм во експлозија се повредени три лица, а уништени се влезот на зградата и скалите. Портпаролката на полицијата Ана Вестберг рече дека полицијата го истражува инцидентот како случај на вандализам и обид за убиство.
Утрово во Линкчепиг одекнала детонација, при што била оштетена фасада на станбена зграда и тешко е повредена 25-годишна жена.
На состанокот ќе присуствуваат претставници на властите, здруженијата на спасувачките служби, шведските општини и региони (SKR), индустриски организации и синдикати.
Министерот за правда Гунар Стромер рече дека трендот на криминал мора да се смени со здружени сили на сите општествени чинители.
„Мораме да направиме повеќе за да спречиме експлозии. Затоа, ќе ги собереме сите релевантни актери заедно да идентификуваме што може да се направи на краток и долг рок“, рече министерот за правда.
Министерот за цивилна одбрана Карл-Оскар Болин рече дека на средбата ќе се разговара и за тоа како да се спречи кражба на експлозиви од градилиштата.
„Мора да се запре пристапот на криминалците до експлозиви“, рече Болин.