Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска имала работен состанок со словенечката министерка за дигитална трансформација, Емилија Стојменова-Дух, со која разговараа за можностите за заедничка соработка на полето на дигитализацијата, како и за размена на искуства и поддршка во однос на воспоставување на електронска лична карта во Северна Македонија.
На состанокот, соопштија од владината прес-служба, тимот на министерката Дух го презентирала словенечкото искуство во однос на процесот на воспоставување електронска лична карта, вклучително и во однос на регулативата која мора да биде усогласена, како и можностите што ги нуди електронската лична карта во делот на дигиталните услуги.
Вицепремиерката Грковска се заблагодарила на министерката Дух за поддршката што Словенија и ја дава на Северна Македонија, особено во делот на дигиталната трансформација на општеството. Таа информирала за чекорите што досега се преземени, во однос на формирање на Националниот совет за дигитална трансформација на општеството, за усвојувањето на Концептот за дигитална трансформација во кој се дефинирани наредните чекори како и за усвоениот план и концепт за електронска лична карта во Република Северна Македонија.
– Таа нагласи дека дигиталната трансформација на општеството е многу важна и во контекст на политиките за добро владеење, бидејќи тоа обезбедува ефикасност, транспарентност и отчетност на јавниот сектор, но и ја намалува можноста за субјективен човечки фактор во процесите, се наведува во соопштението.