Комуналното претпријатие „Водовод“ од Кочани од оваа жетвена сезона ќе почне со размена на оризова слама за компост, во рамки на активностите за заштитата на животната средина од палењето на остатоците од жетвата на оризот.
Управниот одбор на претпријатието донесе одлука со која е определена вредноста на размената за кубен метар компост, а што се добива како финален производ во станицата за пречистување на отпадните води.
– Согласно препораките од донаторот, Владата на Швајцарската Конфедерација, произведениот компост треба да се разменува со оризова слама за да се намали негативното влијание врз амбиенталниот воздух при нејзиното палење. Продажната цена за кубен метар компост изнесува две илјади денари без данокот на додадена вредност, а цената за откуп на една бала слама изнесува 50 денари. За да се стимулираат земјоделците да ја разменуваат сламата за компост и заради промоција на компостот, во првите 24 месеци од донесувањето на одлуката, еден кубен метар ќе се разменува за 40 бали слама, се наведува во одлуката на Управниот одбор на КЈП „Водовод“.
По истекот на двегодишниот промотивен период за размена на компостот за слама ќе се донесе нова одлука со која ќе се определи вредноста на финалниот производ.
Кочанското комунално претпријатие ја дополни дејноста на работење и почна со производство на органското ѓубриво со мешање на оризовата слана со филтрираните и наталожени цврсти материи во отпадната вода од пречистителната станица. За целиот процес се потребни големи количини слама, па наместо земјоделците да ја палат, таа се собира од полињата и се транспортира до станицата.
Просечно годишно се складираат по околу шест илјади бали слама, што е многу помалку од максималниот капацитет што може да се преработи. Просечно дневно се добиваат околу 17 кубни метри отпадна тиња, а по мешањето со сламата се произведуваат 26 кубни метри компост.