Актуелниот англиски и европски фудбалски првак Манчестер сити експресно го заврши настапот во Лига купот за оваа натпреварувачка сезона, откако вечерва во третата рунда е елиминиран од Њукасл на „Сент Џејмс Парк“ (1:0).
Повеќе од јасно беше дека ова ќе биде тешко гостување за „граѓаните“. Тренерот Пеп Гвардиола се одлучи за комбиниран состав кој не успеа соодветно да одговори на предизвикот. Клучниот момент се случи во 53 минута кога Жоелинтон испрати топка која стигна до Исак кој ја смести во мрежата на Сити за ерупција од воодушевувања на домашните симпатизери.
Ливерпул обезбеди место во наредната рунда и тоа откако со пресврт славеше над Лестер 3:1. „Црвените“ често знаат сезонава да губат на полувреме, па во вториот дел да го свртат резултатот во својата полза, ситуација која се повтори вечерва со погодоците на Гакпо, Собослаи и Жота по водството на Лестер со погодокот на МекАтер.
Пласман во следната рунда обезбедија и Евертон, Арсенал, Челзи, Фулам, Вест Хем, Борнмут и Блекбурн.