„Во последните 32 години, во државата се изградени и пуштени во употреба 186 километри автопати или по 5,8 километри автопат годишно. А сега, со изведбата на Коридорите 8 и 10-д, во следните 4 години ќе се градат по 23 километри автопат годишно“ рече вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на трибината „Градиме македонски, градиме европски“ во Штип.
Тој додаде дека од 2017 до 2023 година се вложени преку една милијарда евра за изградба и рехабилитација на патиштата низ државата.
„Започнавме со реализација на најголемиот инфраструктурен проект досега, а тоа е изведбата на коридорите 8 и 10-д, кои се паневропски коридори. Со градежните активности за изградба на околу 110 километри автопатишта за прв пат, по 30 години, преку нова и модерна патна инфраструктура ќе се поврземе со исток и запад. Изградбата на коридорите 8 и 10-д значи нови 8.000 работни места и нови инвестиции од 1,3 милијарди евра“ рече Маричиќ.
Вицепремиерот додаде дека реализацијата на овој проект отвора можности за нови бизниси, изградба на нови објекти од различни дејности, бензински пумпи, ресторани, хотели, одморалишта, деловни објекти и дека сето ова ќе создаде можности за жителите од овие региони каде што ќе поминуваат автопатските делници од коридорите.
„Со изградбата на нова модерна патна врска на исток и запад обезбедуваме и рамномерен регионален развој и конекции со пристаништа во Драч и во Бургас за брз и полесен извоз на македонски прозиводи и за увози на стоки и опрема за македонските компании“ рече Маричиќ.