Србија е разочарана од реакцијата на КФОР, изјави српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ и оцени дека „многумина избрзуваат со заклучоци“ за она што се случи во неделата во селото Бањска на Косово, јави дописникот на МИА од Белград.
Тој за Радио телевизија на Србија додаде дека она што се знае е дека има мртви, ранети, уапсени и оти сега треба да се утврди што точно се случило.
-Од 1999 година Србија нема де факто власт на Косово, и на нашите власти им е потешко да ги соберат сите факти. Не велам дека е невозможно, но бара одредена доза на претпазливост, изјави Вучевиќ.
Тој додаде дека е лесно да се даваат изјави и да се натпреварува во медиумската активност, но посочи дека „мораме да ги заштитиме животите на Србите во Косово и Србија“.
-Сценариото од неделата наутро до вчера водеше во насока дека Србија е иницијатор и спонзор на некакви терористички акции. Се подготвуваше сценарио дека ние сме лошите момци и ни беше наменета улога како во деведесеттите, а најмногу сме загрижени за положбата на Србите на Косово, особено на северот, изјави Вучевиќ.
Според него, косовскиот премиер Албин Курти „го прогласил целиот север за зона на антитерористичка операција, што им овозможува да го прави она што го прави без правила и процедури“.
Вучевиќ, кој е и лидер на СНС, рече дека Србија е разочарана од реакцијата на Кфор, за кој тврди дека требало веднаш да реагира.
-Кој му дозволи на Курти косовската полиција да биде на север, кој му дозволи да гради бази, праша Вучевиќ и истакна дека Белград го осудува убиството на албанскиот полицаец, но дека „тоа што се случи потоа беше ужас – Србите беа прогонувани како ѕверови во шумите“.
„Треба да носиме одлуки со ладна глава, да не се срамиме од нашите емоции, и треба да ги зачуваме Србите на Косово и во земјата“, рече Вучевиќ и посочи дека пред Србија се многу тешки времиња.
Сите факти што треба да ни покажат што се случувало ноќта меѓу саботата и неделата се кај државните органи, со ограничувачки фактор дека не можеме да пристапиме на терен, повтори тој.
-Многу е чуден моментот да се распоредат толку многу албански полицајци. Снимките од дрон покажуваат дека некој следел и чекал да дојде до размена на оган, рече Вучевиќ.