Словенија ќе постави полициски пунктови на својата територија во непосредна близина на граничните премини со Хрватска која од неодамна е дел од Шенген зоната.
Шенгенскиот режим останува на сила и преку некогашните гранични премини ќе може да се минува без каква било контрола, но на територијата на Словенија ќе има полициски пунктови на кои полицијата ќе сопира и ќе проверува одделни возила.
На таа најава денес реагираше претседателот на хрватскиот парламент Гордан Јандроковиќ Њоњо, кој смета дека „тоа не е знак на недоверба, туку одговор на феноменот кој се случува и кој ја загрозува Европа“.
Тој кажа дека хрватската страна ќе разговара со словенечките „колеги и пријатели“ со кои води „многу отворен дијалог“. „Имаме заеднички проблем кој мораме заеднички да го решаваме. Хрватска има над шест илјади полицајци на границите, ќе видиме дали треба да го зајакнеме надзорот на границите“, додаде тој.
По влегувањето на Хрватска во Шенген зоната на почетокот на годината, бројот на мигранти кои по балканската рута нелегално влегуваат во Словенија значително пораснал. Словенечката полиција од почетокот на годината до крајот на август обработила 36.137 нелегални преминувања на државната граница меѓу Словенија и Хрватска. Во истиот период минатата година обработени биле 13.601 неовластен влез.