„ЏП Морган“ ќе исплати оштета на Американските Девствени Острови поради случајот Епстин

„Џеј Пи Морган Чејс“, најголемата банка во САД, постигна спогодба со Американски Девствени Острови во судски процес во кој банката е тужена за овозможување сексуална експлоатација на луѓе на оваа карипска територија на САД која со ова добива 75 милиони долари оштета.

Покрај исплатата на оваа сума спогодбата вклучува и „значајни заложби“ на „Џеј Пи Морган Чејс“ за спречување на трговија со луѓе. Обвинител на Девствени Острови подигна тужба против банката во декември во јужниот округ на Њујорк, тврдејќи дека банката имала финансиска корист од Џефри Епстин, паднатиот во немилост финансиер и милионер кој негуваше блиски врски со многу познати личности од американскиот бизнис и политика. Тој се сметаше за организатор на сексуални злоупотреби на жени и малолетни девојчиња кои повеќе од една деценија се случувале на неговиот луксузен имот на приватен остров, дел од карипската територија на САД.

Банката во изјава синоќа рече дека не презема никаква одговорност во спогодбата, повторно истакнувајќи дека „длабоко жали за каква и да било поврзаност“ со Епстин. Парите што банката треба да ги исплати најмногу ќе бидат наменети за добротворни цели, како психолошка помош за жртвите, и за трошоци за адвокатите.

Епстин беше уапсен во 2019 година по федерални обвиненија за сексуална експлоатација на десеттина малолетнички. Околу месец по неговото апсење тој почина од самоубиство во својата ќелија во њујоршки затвор, како што подоцна утврди обдукцијата.

„Џеј Пи Морган“ исплати над 290 милиони долари оштета на речиси 200 жртви на трговијата со луѓе на Епстин. Банката неодамна исто така постигна доверлива спогодба со Џејмс Стејли, поранешен директор по чии препораки банката го држела Епстин за свој клиент.

Девствени Острови лани од имотот на Епстин извојува 105 милиони долари заради тоа што финансиерот ги измамил властите и добивал даночни олеснувања за неговата фирма регистрирана на приватниот остров Мал свети Џејмс, локацијата на имотот каде тој вршел злосторнички дела од сексуален карактер. 

Треба да знаете
Последни објави