Азербејџан го уапси поранешниот лидер на Нагорно Карабах

Азербејџанските власти објавија дека го уапсиле поранешниот водач на Нагорно-Карабах, Рубен Вардањан, кој се обидувал да замине за Ерменија, една недела по брзата офанзива на Азербејџан врз регионот на Кавказ.

Вардањан, бизнисмен кој ја водеше сепаратистичката влада во енклавата од ноември минатата година до февруари оваа година, е уапсен, соопшти националната гранична служба, но не прецизираше за што се товари. Вардањан е роден 1968 година.

Тој е предаден на надлежните органи во главниот град Баку, се наведува во соопштението за медиумите придружено со фотографија од уапсениот со двајца обезбедувачи. Информацијата за апсењето ја потврди неговата сопруга Вероника Сонабенд на социјалната мрежа Икс, поранешниот „Твитер“.

„Мојот сопруг беше уапсен утрово на граница додека се обидуваше да избега со илјадници Ерменци“, напиша таа, повикувајќи на молитви и поддршка за негово ослободување. Од предавањето на бунтовниците и договорот за прекин на огнот кој ја става енклавата под контрола на Баку, околу 42.500 бегалци избегаа во Ерменија.

Азербејџан вети дека ќе ги пушти бунтовниците кои ќе го предадат оружјето да си заминат. Но, сите оние кои извршиле воени злосторства за време на војните во Карабах мора да бидат предадени, изјави владин извор за „Франс прес“. Во моментов, со посредство на Москва, во тек се преговорите за реинтеграција на сецесионистичката територија во Азербејџан, каде бројни жители останаа блокирани.

Пред минатонеделната операција, претежно христијанска Ерменија и претежно муслимански Азербејџан водеа две војни за регионот Нагорно-Карабах од распадот на СССР во 1991 година. Во областа живеат околу 120.000 етнички Ерменци, но регионот е меѓународно признат како дел од Азербејџан.

Треба да знаете
Последни објави