Унгарскиот премиер Виктор Орбан објави дека заедничката гранична патрола на Србија и Унгарија неодамна била нападната со автоматско оружје и посочи дека насилството со мигрантите е во пораст.
Орбан на социјалната мрежа Х нагласи дека е време сите да се соочат со вистината дека бриселскиот договор за ова прашање пропаднал.
„Насилството меѓу мигрантите е во пораст. Пред три ноќи беше нападната заедничката гранична патрола на Унгарија и Србија, имаше пукотници од автоматско оружје. Со ова мигрантите го преминаа Рубикон. Време е да се соочиме со фактите: бриселскиот пакт за миграција пропадна“, напиша Орбан.
Тој посочи дека овој проблем ќе се прошири и, најверојатно, ќе се продлабочи во текот на есента.
„Нов миграциски пакт беше усвоен на крајот на јуни и покрај противењето на Унгарија и Полска. Сега е септември и јасно е дека пактот веќе пропадна. Годинава забележавме 128.000 обиди за преминување на јужната унгарска граница. Нападите врз граничарите станаа вообичаени, евидентирани се 168 сериозни напади, а неколку наши полицајци беа повредени“, рече Орбан.