Распишана потерница по човекот кој му овозможи на Катар да го организира СП

Судот во Париз издаде меѓународна потерница за поранешниот прв човек на Азиската фудбалска федерација, Мохамед Бин Хамам, под сомнение за корупција.

Има сериозни докази дека Бин Хамам со примање мито и помогнал на земјата од која доаѓа да биде домаќин на Светското првенство.

Според францускиот дневен весник „Лекип“, налогот за апсење по Хамам, Франција го издаде на 22 јуни, откако тој одбил да се појави по неколкуте повици на распит во француското обвинителство.

Бин Хамам, поранешниот претседател на Азиската фудбалска федерација, „обвинет е за корупција поврзана со доделувањето на организацијата на Светското првенство на државата Катар“, ја пренесува изјавата на неименуван францускиот весник.

Овој бизнисмен инаку доби доживотна забрана за работа во фудбалот, поради обвинувања за корупција и судир на интереси додека беше на чело на Азиската федерација.

Овој нов дел од истрагата, започнат во 2019 година, се фокусира на улогата на Бин Хамам во дејствијата на Рејналд Темари, поранешниот претседател на Фудбалската конфедерација на Океанија (ОФЦ) во пресрет на гласањето што му го додели Светското првенство на Катар.

Откако беше суспендиран од ФИФА еден месец пред гласањето поради кршење на етичкиот кодекс, Темари повеќе немаше право да седи во извршниот комитет на организацијата за гласањето на 2 декември 2010 година.

ОФЦ требаше да назначи замена која ќе го даде својот глас на Австралија и, доколку тоа не успее, на САД, главните ривали на Катар. Откако првично ја прифати суспензијата, Темари ја обжали истата ноќта на 30 ноември, поради што ОФЦ остана без можност да гласа.

Катар победи во последниот круг на гласање со 14:8 пред САД, што уште тогаш наведе многумина да се посомневаат дека гласањето не било „чисто“.

Инспекторите се загрижени дека Бин Хамам платил за одбраната на Темари 305.000 евра (323.000 долари) и го финансирал патувањето на Темери во Куала Лумпур за да се сретне со него во периодот помеѓу неговата санкција и гласањето во ФИФА.

За време на оваа посета, Бин Хамам, наводно, го убедил Темари да поднесе жалба на казната.

Треба да знаете
Последни објави