д наредната година Северна Македонија како полноправна членка на Организацијата за црноморска економска соработка за нашите транспортери добива пет илјади Б-Сек дозволи, а во однос на ЦЕМТ дозволите на располагање ќе бидат 1.680 годишни и 2.808 месечни дозволи, најави денеска министерот Благој Бочварски на традиционалната средба со превозниците, во организација на Асоцијацијата Макам Транс.
-Она што сакам да го истакнам, а е новост е дека со украинската страна договоривме 700 дозволи за и од трети земји, почнувајќи од 2024 година, а исто така по низа состаноци и средби на мешовитата македонско-германска комисија договорено е значително зголемување на контингентот на дозволи по сите видови на превоз, што сметам дека е голем успех. Дополнително, со Република Србија се согласивме да превозот кој се врши за и од трети земји со еколошки возила, односно возила со категорија „зелено возило“ и повисоките категории, да биде ослободен од режимот на дозволи кога ќе се надминат административните процедури, што сметам дека е една одлична мерка и историски успех за транспортерите, рече министерот Бочварски.
Тој оцени дека транспортната дејност е многу важен сегмент за целата држава, за развојот и јакнењето на економијата, истакнувајќи дека Владата заедно со транспортерите креира развојни политики со цел подобрување на условите за работа за сите вас.
-Ги надминуваме турбулентните времиња и со успешни политики успеваме да го зајакнеме партнерскиот однос и заеднички да постигнуваме резултати, оцени министерот.
Ги потенцираше политиките што Министерството за транспорт и врски ги презема во насока на развојот на транспортната дејност и подобрување на условите на превозниците и како што напомена, транспортниот сектор е многу важен сегмент во националната економија.
-Транспортната дејност, а посебно патниот транспорт, е многу важен за развојот и јакнењето на економијата и оттаму ние како Влада креираме развојни политики со цел подобри услови за вас превозниците. Нашите заеднички напори вродија со плод и треба сите ние да сме горди на тоа. Пред нас е членството во Европска Унија, но до тогаш мораме заедно да го изодиме патот, да ги спроведеме потребните реформи и сакам да ве уверам дека поддршката од Владата кон транспортниот сектор несомнено ќе продолжи, рече министерот Бочварски.