Владата континуирано ја следи состојбата и навремено носи пакет мерки за ценовна стабилност на домашниот пазар, порача претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во одговор на пратеничко прашање на денешната собраниска седница.
„Со новата мерка „гарантирана цена” која што сите ја поздравуваат и сите можат да се уверат во неа и во сите маркети, за над 50 производи во 24 категории на производи од пекарската, млечната, месната индустрија цената ја намаливме за 10% во однос на цената што тие производи ја имаа на 1 август. Тоа е реално намалување на ценовната инфлација. Со оваа одлука и мерка кај одредени производи веќе има намалување на производите над 10% додека кај некои е од 30 до 40%. Тоа исто така е видливо во маркетите. Оваа мерка ја дополнивме и со листа на гарантирана цена во која влегуваат и безалкохолните пијалоци, газирани пијалоци, негазирана вода и други пијалаци. Но, донесовме уште една позначајна мерка а тоа е нова одлука за намалување на маржите кај овошјето и зеленчукот. Со новата одлука овозможивме прво 10% намалување, најмалку 10% на цените кај пијалоците, а додека кај овошјето и зеленчукот цените се намалуваат во износи до 30%. Тоа е исто така видливо во маркетите. Гарантираната цена за сите овие прозиводи важи до 30 ноември оваа година и нормално согласно движењата таа ќе биде повторно пресликана и ако е потребно и продолжена”, посочи премиерот Ковачевски.
При тоа, премиерот Ковачевски, појасни дека овие мерки се дополнуваат со нови кои се однесуваат на намалување на увозните давачки на одредено овошје и зеленчук, како и укинување на царинските давачки за дел од млечните производи.
„Овие мерки имаат и економски и социјален карактер, бидејќи од една страна производството кое што државата силно го субвенционира, голем дел од големопродавачите го продаваат на извозните пазари, а кај нас заради царински стапки кои постојат уште од времето на Југославија во износ од 65% за увоз на земјоделските производи се продаваат поскапи производи. И ова се се одлуки кои ги ревидираат и царинските стапки и извозните квоти и со тоа имаме веќе намалување на цените. И на храната воопшто. Тоа е факт”, рече премиерот Ковачевски.
Во одговорот на пратеничкото прашање, премиерот Ковачевски посочи дека со овие, но и со останатите мерки, очекуваме дека до крајот на годината ќе имаме стабилизација на инфлацијата, што се покажа и со зголемувањето на платите во јули годинава, кога беше надминато зголемувањето на инфлацијата.
„Минималната плата која беше 8.000 денари до 2016 година, а во некои сектори и помала, во чевларската индустрија дури и по 7.000 денари, денес е 20.750 денари што е зголемување повеќе од двојно. А просечната плата од 22.000 денари денес е 37.000 денари. Што се однесува до платите во одредени сектори, платите во одредени сектори се зголемени до 40%, како што е кај докторите специјалисти, 20% кај другите лекари, во образованието минатата година се зголеми за 15% во средно и основно, и оваа година се зголеми за 15%. А со оптшиот колективен договр следува зголемување на платите на целиот јавен сектор за 10% и исплата на К-15 од 10.000 денари на секој вработен во јавниот сектор до крајот на годината. Тоа се бројки кои не се за занемарување” потенцираше премиерот Ковачевски.
При тоа премиерот Ковачевски, посочи дека просечната пензија е зголемена за 40% во однос на она што беше во 2016 година, воведени се во пензискиот систем оние кои не ги исполнуваа условите за пензија и добиваат социјална пензија, а врз основа на новата методологијата имаме 25% зголемување на пензии во само една календарска година и следува ново зголемување на пензиите.