Спасовски додели благодарница за муралот во чест на загинатите полицајци од Диво Насеље

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски во име на МВР додели благодарница на Здружението за ликовна уметност Форма Куманово и уметниците кои го насликаа муралот посветен на загинатите полицајци во Диво Насеље во 2015 година.

„Денеска имав особена чест да се сретнам и да им доделам Благодарница за партнерство и успешна реализација на целите од заеднички интерес на МВР на Република Северна Македонија во име на Министерството за внатрешни работи на моите кумановци од Здружението за ликовна уметност Форма Куманово кои дадоа свој несебичен придонес со своето уметничко дело муралот во центарот на Куманово во чест и сеќавање на загинатите припадници на МВР во Диво Насеље во 2015 година.

Во касарната Илинден, базата на САЕ Тигар, се дружевме со раководството и припадниците на Одделот за специјални полициски операции – Специјалната антитерористичка единица Тигар и Единицата за брзо распоредување, кои искажаа искрена благодарност кон младите таленти од Куманово, а притоа заедно ја посетивме и Спомен куќата на Специјалната антитерористичка единица Тигар.

Во мое лично име и во име на припадниците на Министерството за внатрешни работи изразувам огромна благодарност до Младен Трендевски, Горан Стојанов, Дејвид Стоилковски и Дарко Трајковски – момци нека вашиот талент и посветеност бидат пример за сите наши граѓани, за тоа како се чува и негува споменот за оние кои дадоа се’ за безбедноста на сите нас! Ви посакувам многу успеси, како на личен, така и на професионален план.

Нека муралот во центарот на Куманово биде вечен потсетник за херојството на загинатите припадници на МВР!

Нека им е вечна слава, објави Спасовски.

Треба да знаете
Последни објави