Официјално, американскиот летен кино хит „Барби“ е забранет во Русија и не се прикажува во кино салите, но, како што пишува Би-Би-Си, многумина се уште го гледаат во кината. Новинарите известуваат дека е поставена огромна розова куќа во трговскиот центар во Москва, со розов мебел и картонски исечоци од Барби и Кен во природна големина, кои се смешкаат од уво до уво. Тоа е реклама за забранет филм.
Барби ја привлекува публиката во мултиплекс кина, и покрај санкциите од Западот. Всушност, пред киното се создаваат долги редици како доказ дека Русите се многу заинтересирани за тој американски филм.
По руската инвазија на Украина, голем број холивудски студија престанаа да ги испраќаат своите филмови во Русија, но пиратски копии се во пораст и тоа синхронизирани на руски. Со цел да се избегнат проблеми со лиценците, некои кина во Русија продаваат билети за кратки филмови од руско производство, но наместо тоа го прикажуваат играниот филм „Барби“ како „вовед“ во прикажувањето на руските филмови.
Руското Министерство за култура минатиот месец заклучи дека филмот Барби „не е во согласност со поставените цели за зачувување и зајакнување на традиционалните руски морални и духовни вредности“.
Имам проблеми со Барби како жена – изјави Марија Бутина, руска политичарка: – Некои девојки, особено во тинејџерските години, се обидуваат да бидат како Барби, и го исцрпуваат своето тело – истакнува Бутина и додава дека филмот не е дозволено да се прикажува во руските кина. Таа рече дека доставила неколку барања до кината прашувајќи „по која основа го прикажуваат филмот“
Што се однесува до филмските љубители, тие се воодушевени што Барби пристигна на големото платно во Русија.