Со потпишување на заедничката изјава со која се потврдува цврстата заложба за натамошно зајакнување на меѓусебните односи, како и проширување и продлабочување во различни области на воената соработка, со цел зајакнување регионалната безбедност, заврши дваесет и шестата конференција на началниците на генералштабови на армиите на САД-Јадранската повелба (А5), соопшти МО.
Началниците на генералштабови на армиите од земјите членки на А-5, заедно со командантот на командата на Армијата на САД за Европа, генерал Кристофер Каволи и високите претставници од командата за САД во Европа, во текот на вчерашниот ден дикутираа за повеќе прашања од областа на безбедноста, современите безбедносни закани како и за начините и формите за проширување на безбедносната соработка.
Началникот на генералштабот на Армијата, генерал Васко Ѓурчиновски, по потпишување на заедничката изјава, истакна дека за време на конференцијата се разменети повеќе информации кои се однесуваат на зајакнување на безбедноста и просперитетот на регионот, како и за можностите за различни форми на соработка во претстојниот период. Притоа тој се заблагодари на генералот Каволи, на неговата команда и на САД за континуираната подршка, како наш најзначаен стратегиски сојузник во сите полиња, особено од доменот на одбраната.
Командантот на командата на Армијата на САД за Европа, генерал Кристофер Каволи, нагласи дека во текот на конференцијата се дискутирало за важни прашања, меѓу кои за зајакнување на кибер безбедноста, интероперативноста и учеството во меѓународните мисии, операции и вежби.
– Со цел да се бориме со современите закани, членките се обврзаа дека ќе продолжат со заедничките обуки и вежби со сојузниците и партнерите. Во рамките на дваесетгодишнината на оваа повелба продолжуваме со нашата соработка и даваме придонес во одбраната и регионалната безбедност, рече генералот Каволи.
Договорот за формирање на САД-Јадранската повелба, официјално е потпишан во 2003 година, кој помага развива регионалната соработка во областа на одбраната.. Средбите во формат на началници на генералштабови на армиите се одржуваат еднаш годишно, на кои се разгледуваат повеќе прашања и актуелни теми од областа на одбраната и безбедноста.