Северна Кореја со уставни амандмани ја зајакна својата политика за развој на нуклеарно оружје, а врховниот лидер Ким Џонг-ун вети дека ќе го забрза производството на нуклеарно оружје за да ги спречи, како што ги нарече, американските провокации, објавија денеска државните медиуми.
Врховното народно собрание едногласно ги усвои уставните амандмани во кои се наведува дека Северна Кореја „развива моќно нуклеарно оружје за да го обезбеди“ своето „право на постоење“ и да ја „одврати војната“, јави новинската агенција КЦНА, по завршувањето на седницата на Парламентот.
„Политиката на градење на нуклеарните сили на Северна Кореја стана трајна како основен закон на земјата, кој никој не смее да не го почитува“, рече севернокорејскиот лидер во обраќањето пред Парламентот.
Ким ја истакна „потребата да се продолжи со работа на експоненцијално зголемување на производството на нуклеарно оружје и развој на средства за нуклеарен напад и нивно распоредување во различни служби“.
Тој соопшти дека американските воени вежби и распоредувањето на стратешки средства во регионот се екстремни провокации.
Ким ги повика властите понатаму да ја развиваат солидарноста со земјите кои се борат против САД, осудувајќи ја трилатералната соработка меѓу САД, Јужна Кореја и Јапонија како „НАТО во азиска верзија“.
Во Јужна Кореја, Министерството за обединување соопшти дека уставните измени ја покажуваат „силната решеност“ на Пјонгјанг да не се откаже од својата нуклеарна програма.