Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска се обрати на свеченоста во Министерството со која се одбележа триесет годишното партнерство помеѓу Армијата на Република Северна Македонија и Националната гарда на Вермонт, при што порача дека ова партнерство не е само потпишан документ, туку подадена рака и постојана поддршка низ 30-те години.
„30 години одбележани со над 350 активности, вежби, обуки, тренинзи низ кои поминале повеќе од 1.800 армиски припадници. Припадниците на македонската Армија ни тогаш, а ниту денес не разочараа и не потфрлија, напротив учеа и учат да се надградуваат, да споделуваат знаења и заедно со припадниците на Националната гарда на Вермонт го градат и чуваат нашето сојузништво”, рече министерката.
Петровска се осврна и на заедничкото учество во наменските сили Феникс во 2010 година, каде за прв пат припадници на Националната гарда беа распоредени во мисија заедно со партнерска нација.
„Тоа е една исклучителна мисија, тешка комплицирана, опасна но сепак успешна – заедничката мисија на македонските и американските војници во Авганистан во 2010 година”, истакна министерката.
Успехот кој го постигнавме со ваша поддршка, порача Петровска, денес го гледаме во успесите на Армијата која е сојузничка армија која вложува во својата сила и интероперабилност, успешно настапувајќи во мисии и вежби со други сојузнички и партнерски армии.
Командантот на Националната гарда на Вермонт, генерал-мајор Грегори Најт, кому министерката Петровска му врачи и државно знаме во рамка, порача дека активно учествува во ова партнерство долги години и дека отпорноста и посветеноста на луѓето од Вермонт и од Северна Македонија го направија ова партнерство и пријателство толку успешно.
„Долгогодишните пријателства што ги започнавме ние, постарата генерација, ќе продолжат и со нашите помлади офицери и подофицери додека тие ги развиваат кариерите во нивните соодветни организации. Она што е важно е да го пренесеме нашето знаење и искуство”, рече генералот Најт.
На свеченоста беше прикажано видео со лични сведоштва на неколку припадници на Армијата од заедничкото учество во мисијата Феникс, а на амбасадорката на САД, Анџела Агелер, Баталјонот за специјални сили, Извидувачко-разузнавачкиот баталјон и Баталјонот на воената полиција, како и на неколку сектори во Министерството за одбрана и вработени во Канцеларијата за одбранбена соработка на САД им беше врачена плакета за нивниот придонес во развојот на партнерството. На свеченоста беше поставена и изложба со фотографии од заедничките активности на двете вооружени сили. Од 1993 година, реализирани се над 350 активности вклучувајќи над 1800 припадници на Армијата.