Денешните случувања се само потврда за разединетоста на пратеничката група на ДПМНЕ. Во овој мандат видовме многу блокади, но денеска за прв пат од независноста видовме блокада на пратеничките прашања, порача Лолита Ристова, на денешната прес-конференција во името на пратеничката група на СДСМ и додаде:
-Лагите на пратеничката Стојаноска се спротивни на вредностите и заложбите на сите коишто се бориме за родова еднаквост.
Недозволиво е да се злоупотребува и блокира собраниската говорница за изнесување лаги, тоа граѓаните не го заслужуваат.
Секојдневно ги слушаме лагите и непристојните изрази на колешката Дафина Стојаноска кажани од собраниската говорница.
Ваквото однесување на пратеничката која не штеди отровни зборови се спротивни на демократските вредностите во овој законодавен дом.
Маричиќ бил и е борец за родова еднаквост, промотор на рамноправноста и силен поддржувач на македонските прогресивни и демократски политики. Сосема е јасно дека денешните случувања во Собранието ја потврдуваат нервозата во пратеничката група на ДПМНЕ.
Претходно, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ го обвини вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ за недолично однесување кон пратеничката Дафина Стојаноска и од собраниската говорница побара оставка од него. Вицепремиерот Маричиќ преку „Фејсбук“ ги демантираше ваквите обвинувања посочувајќи дека не испратил вербална или гестикулативна порака.