Русија очекува САД и НАТО да ја препознаат одговорноста за ситуацијата во Авганистан, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Целосното обединување на напорите на земјите од регионот и земјите од НАТО е можно само доколку Алијансата ја признае одговорноста за катастрофалниот исход од нејзиното воено присуство во Авганистан, се вели во обраќањето на рускиот министер на 5. состанок за Авганистан во „московски формат“ кој се одржува во Казан.
Неговиот говор го прочита специјалниот претставник на рускиот претседател за Авганистан, Замир Кабулов.
Лавров посочи дека земјите од Западот нанеле непоправлива штета на народот на Авганистан и затоа мора да го понесат најголемиот товар за обнова на земјата во постконфликтниот период.
„Во врска со тоа, блокадата на авганистанските сметки што ја спроведува Вашингтон е контрапродуктивна и само ја отежнува ситуацијата и ги влошува тешките услови во кои живеат Авганистанците“, наведе Лавров.
Како што додаде, Москва смета дека враќањето на воената инфраструктура на САД и НАТО на територијата на Авганистан и соседните земји е неприфатливо, без оглед на причините за таквиот чекор.
На средбата во Казан учествуваат претставници на Авганистан и на соседните земји.