Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека Милан Радоичиќ, „ќе мора да одговори“ на повикот на надлежните државни органи. Ова е првата реакција на Вучиќ откако Радоичиќ ја презеде одговорност за нападот во селото Бањска во неделата. Во вооружениот судир загина еден косовски полициаец, како и четворица членови од вооружената група.
„Сигурен сум дека надлежните органи имаат причини да поставуваат прашања, а дали обвинителот ќе го гони за какво било кривично дело, тоа не е прашање за мене. Тоа е прашање за обвинителството и другите надлежни државни органи. Ако некој мислеше дека тој ќе бега или ќе се крие, тоа нема да се случи“, изјави Вучиќ.
Српскиот претседател оцени дека Радоичиќ е „горд“ поради својата улога во вооружениот конфликт, како и тоа дека „тој и другите кои учествувале, гледаат на тоа на друг начин“.
„Не мислам дека некој има право да убие некој друг, некои прашања ќе мораат да бидат поставени. Можеби не учествувал во тој дел, па обвинителот ќе најде нешто друго, или нема да најде ништо, тоа се прашања за обвинителството. Знам дека полицијата мора да собере повеќе информации, па потоа на ред е обвинител, кој ја носи одлуката“, изјави Вучиќ.