Неизвесноста го засилува масовното иселување на младите не само од нашата земја, туку и од целиот регион на Западен Балкан. Со тоа губиме непроценлив човечки и социјален капитал од кој зависи долгорочниот економски раст и развој на нашите држави и на целиот регион. Неопходни се реформи во виталните сегменти клучни за економскиот развој, како што се инвестициите, продуктивноста на трудот, димензионирање на образованието според барањата на пазарот на трудот и креирање на квалитетни работни места, порача денеска претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на 9. Меѓународна истражувачка конференција што ја организираат Народната банка и Комитетот за преобразување на Бретон Вудс.
Според Пендаровски, тоа најдобро може да се постигне преку засилени реформи и забрзана интеграција во Европската Унија.
-Поголемата трговска и финансиска интеграција на регионот во европскиот пазар, во изминативе децении беше еден од виталните фундаменти на економскиот раст. Во регионот на Западен Балкан, токму македонската економија има највисоко ниво на трговска интеграција со ЕУ. Но, за македонските граѓани да ги почувствуваат придобивките од Унијата, освен трговска, неопходна е и политичка интеграција – што значи прифаќање и на европските стандарди и критериуми. Затоа, нам, и на земјите од регионот повеќе од кога било порано ни е неопходно натамошно зајакнување, а не намалување на врските со развиените економии, потенцира Пендаровски.
Како мала, отворена и увозно зависна економија, земјава, оцени, диспропорционално ги чувствува ефектите од глобалните потреси. Ефектите од здравствената, енергетската, економската, социјалната и безбедносната криза конвергираа во поликриза која ги покачи цените на енергенсите и на прехранбените производи, го забави економскиот раст, ја забрза инфлацијата, ги зголеми животните трошоци и го стесни просторот за поддршка на економијата.
-Затоа ни е важно да биде пронајден модел за амортизирање на пазарните шокови во амбиент на постојани променливи економски околности, подвлече претседателот.
Тој се осврна и на монетарната политика. Во услови на нестабилно надворешно опкружување и сѐ повисоки ценовни притисоци, особено поради војната во Украина, Народната банка, рече, по пример на Европската централна банка, почна да ја прилагодува својата монетарна политика.
-При тоа, факт е дека здравата монетарна политика придонесе да се зачува макроекономската стабилност на државата и делумно да се заузда растечката инфлација. Но, тоа не значи дека сите предизвици се надминати. Геополитичките и геоекономските ризици неспорно ги засилуваат долгорочните негативни ефекти и врз демографијата, истакна шефот на државата.