Спасовски: Постигнавме намалување на криминалот за 29% и зголемување на откривачката функција околу шверцот со дрога за 33%

 Денеска (29.09.2023), во рамки на серијата посети со проектот „Отворен кабинет”, со кои се опфатени сите Сектори за внатрешни работи вклучувајќи ги и Одделенијата за внатрешни работи низ државата, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски оствари средби со граѓаните во ОВР Крива Паланка при СВР Куманово, како дел од веќе утврдениот концепт „МВР за ГРАЃАНИТЕ”.

Министерот Спасовски, во изјава за медиумите пред објектот на ОВР Крива Паланка кој беше меѓу првите од досега 81 реконструирани објекти на МВР со цел подобрување на работните услови, потсети дека целта на ваквите средби е да се слушнат мислењата и идеите на граѓаните како полицијата да придонесе за уште поголем спокој на секој поединец, за уште поголема безбедност на заедницата. Притоа, тој ја нагласи и можноста во текот на овие посети да се запознае поконкретно со реализираните активности и постигнатите резултати во тековната година, но и да се зацртаат целите за следниот период.

„Серијата на посети во рамки на проектот ‘Отворен кабинет’ ја продолжуваме тука, во Одделението за внатрешни работи Крива Паланка во рамките на СВР Куманово, каде утринава остварив работна средба со раководството на овој Сектор и конкретното Одделение. Притоа, бев запознаен со безбедносната состојба на подрачјето на СВР Куманово и ОВР Крива Паланка, состојбите со криминалитетот, како и активностите кои ги преземаат полициските службеници во насока на намалување на стапката на криминалитет во приоритетните области, одржување на поволен јавен ред и мир, безбеден патен сообраќај и превенција, со единствена цел – подигнување на безбедноста во градот и заштита на граѓаните. Согласно презентираните показатели, безбедносната состојба на подрачјето во надлежност на СВР Куманово и ОВР Крива Паланка е поволна и на задоволително ниво, што е особено важно за граѓаните од овој дел, но и во рамки на генералната безбедносна оценка за државата. Вкупниот криминалитет на подрачјето на СВР Куманово во изминатите осум месеци од 2023 година, споредбено со истиот период претходната година, бележи намалување за 17%. Во делот на класичниот криминалитет бележиме намалување на овој вид кривични дела за 11%”, рече Спасовски.

Тој информираше дека на подрачјето на СВР Куманово во изминатите осум месеци биле издадени повеќе од 19.000 платни налози, од кои најмногу за возачи кои управувале возило под дејство на алкохол, а реализирани се 689 превентивни настани на различни теми. На подрачјето на ОВР Крива Паланка во 2023 година, компаративно со истиот период лани, евидентирано е намалување на вкупниот криминалитет за 29%.

„Во делот на недозволената трговија со дрога и оружје откривачката дејност е зголемена за 33% во споредба со анализираниот период во 2022 година. Намалување за 8% бележиме и во областа на класичниот криминалитет, а за 6% се намалени сообраќајните незгоди со потешки последици. Исто така, во текот на 2023 година ОВР Крива Паланка реализираше 183 превентивни настани”, информираше министерот Спасовски.

Во изјавата за медиумите министерот Спасовски најави дека веднаш потоа ќе го посети општинското средно училиште „Ѓорче Петров”, каде што ќе ја продолжи кампањата наменета за средношколците „Кажи НЕ на дрогата, ДА на животот”, која МВР ја започна во скопската Гимназија „Јосип Броз Тито”, како дел од превентивните активности на МВР. 

Треба да знаете
Последни објави