Примерот на битолската млекарница треба да го следат и други производители, домашни но и увозниците, за да можеме заедно да влијаеме за подобрување на животниот стандард на граѓаните, изјави министерот за економија Крешник Бектеши.
За време на посетата на БиМилк во Битола, владината делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски и министерот за економија Крешник Бектеши, беа запознаена со производните капацитети и стандардите на работа на млекарницата и информирани за новите инвестиции на компанијата.
-Битолската млекарница е единствената од компаниите во млечната индустрија која немала зголемување на цените откако завршија првите мерки и затоа јавно се заблагодарувам на менаџментот што во ова кризно време покажа голема општествена одговорност и излегоа во пресрет на нивните клиенти и потрошувачи. Вакви примери треба да ги следат и други производители, домашни но и увозниците, за да можеме заедно да влијаеме за подобрување на животниот стандард на граѓаните, изјави министерот Бектеши.
На прес конференција во БиМилк, генералниот директор на компанијата Ѓорги Петрушев, најави нови инвестиции за зголемување на количините на сурово млеко и поголема продуктивност на производството.
-Бимилк како една од најголемите компании за преработка на млеко и млечни производи е еден од најзначајните фактори за домашната млечна индустрија. Не само што сме двигател на млечната индустрија, туку сме и значаен стопански фактор што влијае врз локалниот развој и со свој импут во економските показатели на земјата. Врз нашата работа ја носиме одговорноста за секојдневно и континуирано снабдување на пазарот со неопходните млечни производи, за ценовната одржливост и достапноста до граѓаните, за одржливоста на фармите и зголемувањето на млекопроизводството. Дури и во кризните години, што ги доживуваме во континуитет со бројни предизвици, ние дејствуваме проактивно со ценовни интервенции каде беше најпотребно и инвестираме во млекопроизводството со набавка на 250 јуници за развој на домашните фарми. Тоа се нашите приоритети и покрај сериозните проблеми со кои се соочуваме. Ситнењето и затворање на краварските фарми, создава реална загриженост за млекоснабдувањето на земјава и тоа не само сега, не само годинава туку и за понатаму и тоа уште поизразено. Тоа е реалноста во млечната индустрија, а за промена е потребна национална и долгорочна стратегија“, истакна Ѓорѓи Петрушев, генерален директор на Бимилк.