Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, коментирајќи ја вчерашната изјава на премиерот Димитар Ковачевски дека пратеничката група на СДСМ ќе поднесе амандман доколку постои можност да бидат амнестирани осудените од „Монструм“, рече дека „Законот за амнестија уште не е донесен во Парламентот, а зборуваме за амандмани кои доаѓаат од самата Влада“.
-Се поставува прашањето што правеле сите тие на владина седница кога се разгледувал овој закон. Премиерот Ковачевски се надевам не е турист на седниците на Влада, и кога ќе дојдат предлог текстовите на законите добива детална информација што содржат тие предлог закони, а посебно се надевам дека ваквите специфични закони и самиот ги чита. Доколку тоа не го прави, тогаш треба час поскоро да си замине од местото што во моментот го зазема, затоа што не е достоен за тоа место, изјави денеска Мицкоски, по посетата на општина Гази Баба.