Најстарите европски чевли пронајдени во пештера во Шпанија

Научниците велат дека ги идентификувале најстарите чевли во Европа, сандали ткаени од трева, а се смета дека се стари околу 6.000 години. Тие беа меѓу мноштвото антички предмети откриени во една пештера во Шпанија, кои беа украдени од рудари во 19 век, но беа анализирани во нова студија.

Ниската влажност и студените ветрови во пештерата ги направија невообичаено добро сочувани. Истражувачите исто така анализирале корпи и комплети алатки. Коавторката на студијата, Марија Хереро Отал, изјави дека предметите се „најстариот и најдобро зачуван збир на материјали од растителни влакна во јужна Европа досега познат“.

„Документираната технолошка разновидност и третман на суровините ја истакнуваат вештината на праисториските заедници“, додаде таа. Новите техники за датирање покажаа дека колекцијата од 76 предмети пронајдени во пештерата е околу 2.000 години постара отколку што се мислеше, пишува Би-би-си.

Некои предмети во комплетот датираат пред 9000 години. Анализираните сандали во својата структура имаат разни видови трева, истакнуваат истражувачите, но вклучени се и други материјали, како кожа и вар. Тие потекнуваат од неолитскиот период, што ги прави постари од кожените чевли стари 5.500 години, откриени во една пештера во Ерменија во 2008 година.

Пештерата во која се пронајдени сандалите стари 6.000 години се вика Cueva de los Murciélagos или Пештера на лилјаците, а се наоѓа во Андалузија, на југозападот од Шпанија. Според истражувачите на оваа студија, до пештерата првпат пристапил земјопоседник кој собирал измет од лилјаци, корисни за правење ѓубриво, во 1831 година.

Помалку од две децении подоцна ја користеле рударите, кои откриле галерија со делумно мумифицирани трупови, корпи, дрвени алатки и, меѓу другото, заби од диви свињи и уникатна златна дијадема.

Треба да знаете
Последни објави