Со задоволство присуствував на одбележувањето 25 години успешна работа на Македонската информативна агенција.
Почитувани вработени во МИА,
Вистината што ја дава новинарството отсекогаш била од витално значење, бидејќи без објективно информирани граѓани нема да опстанат ни демократијата ниту слободата. Во современиот свет во кој ништо не стои и не трае, посебно во овие предизвикувачки времиња на лажни вести, повеќе од значајно е достигнувањето што можеме да им веруваме на информациите коишто ги споделувате со светот веќе 25 години. И не само што опстојавте четврт век, туку и континуирано напредувавте, растевте и останавте посветени во изнаоѓање и споделување на вистината. Секако, не може, а да не се спомене и посветеното негување на македонскиот литературен јазик, што е денеска раритет.
Искрени честитки до сите оние кои ве прават она што сте – дел од нив во МИА од самото основање – одговорни и актуелни, објективни и точни, професионални и со интегритет, посветени на јавниот интерес… Срдечна благодарност до сите вас за напорите во обезбедување на вистината во текот на сите овие 25 години.
Продолжете со професионалната работа, како бедем против незнаењето и дезинформациите, од срце Ви посакувам тоа да го правите уште многу идни години.