Она што се предвидуваше конечно се оствари: лидерите на Турција и Израел, Реџеп Таип Ердоган и Бенјамин Нетанјаху, се сретнаа за прв пат на иста маса, иако со децении се на власт. Дипломатите забележаа и дека претседателот на Турција овојпат не го критикуваше Израел за прогонот на Палестинците во својот говор на есенската сесија на Генералното собрание на Обединетите нации.
Во првите коментари по таа средба се нагласува дека станува збор за „историски развој“ на односите меѓу двете земји, додека попретпазливите сомнително ја вртат главата и предупредуваат дека тоа што се трупало со години не може да се реши преку ноќ.
Средбата, која е предмет на многу анализи, се одржа во „турскиот облакодер“ во Њујорк, каде е сместена мисијата на земјата во ОН за време на неодамнешната седница на генералното собрание на светската организација. Разговорот се одвивал во „позитивна атмосфера“ и може да биде важен за решението на палестинското прашање, како и на другите проблеми во проблематичниот регион на Блискиот Исток, соопшти Дирекцијата за комуникации на претседателот Ердоган.
„Му реков на Нетанјаху – договорете ја вашата посета на Турција, а потоа со мојот тим ќе го посетам Израел“, рече Ердоган.
Тој најави дека размената на стоки меѓу двете земји во првата фаза ќе се зголеми од девет на петнаесет милијарди долари и оти очекува нов бизнис поврзан со течен гас и туризам.
Израелската телевизија Канал 12, повикувајќи се на свои извори, објави дека претседателот Ердоган наскоро ќе го посети Ерусалим, со цел да изврши аџилак во џамијата Ал Акса по повод стогодишнината од основањето на Турската Република. Таа вест се уште не е официјално потврдена.
Но, забележливо е дека по неодамнешните избори, на кои победи Ердоган, Анкара се обидува да ги подобри нарушените односи со Израел и другите соседни земји: Ирак, Сирија, Египет, Саудиска Арабија, како и од другата страна со Грција. На овој начин новата влада се обидува пред се да ги подобри економските односи со соседите и да ги ублажи последиците од економската криза, најтешка во овој век.
Односите меѓу Анкара и Тел Авив беа на работ на прекин во 2010 година, кога израелските командоси во Средоземното Море убија десет турски државјани на брод што превезуваше хуманитарна помош за Палестинците во Појасот Газа. Во Израел тврдеа дека го направиле овој потег затоа што шверцувале оружје на членовите на терористичката група Хамас, која е поддржана од владата во Анкара. Во Турција негираа и му го откажаа гостопримството на израелскиот амбасадор. После тоа, со години, до неодамна, односите беа на мраз.
По неодамнешната средба во Њујорк, процесот на нормализација е отворен, но сигурно нема да помине без нови триења.