Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска ќе ги посети припадниците на Армијата на Република Северна Македонија кои се дел од мултинационалните сили на НАТО во Бугарија, соопшти Министерството за одбрана.
Во базата во Ново Село каде што се сместени мултинационалните сили на НАТО, министерката Петровска и нејзиниот бугарски колега Тодор Тагарев ќе бидат пречекани од македонскиот и бугарскиот контингент, по што министерката Петровска ќе има средба со македонските војници распоредени во овие НАТО сили.
Армијата на Република Северна Македонија во мултинационалните сили на НАТО придонесува од ноември 2022 година, и тоа со контингент во јачина од еден вод. Во овие сили има над 1.000 припадници од сојузниците Северна Македонија, Бугарија, Албанија, Грција, Црна Гора, Турција и САД, под водство на Италија.