Пензионерите кои добиваат пензија преку Халкбак АД Скопје денес беа израдувани со тоа што на сметките им легна пензијата за месец септември. Корисниците на електронско банкарство добија СМС дека имаат прилив на средства по основ на пезија, така што сите кои примаат пензија преку оваа банка веќе денес можат да располаат со пензиите во продажната мрежа или да подигнат средства на банкоматите. Пензиите се зголемени за 5,3%.
Од минатиот месец банките престанаа со предвремена исплата на пензии, што беше пракса во претходните години. Министерството за труд и социјала извести дека со исплатата на пензијата за месец август се враќа редовниот начин на исплата. Односно, дека поради завршувањето на пандемијата, деловните банки преку Македонската Банкарска Асоцијација (МБА) ја прекинуваат досегашната пракса за предвременото исплаќање на пензиите, и дека истите ќе се исплаќаат на 1-ви во месецот директно од буџетот на државата.
Бидејќи 1-ви паѓа во недела, некои банки известија дека пензионерите со своите пензии ќе можат да располагаат од понеделник 02.10.2023 година и дека истите ќе може да ги подигнат на банкомат, во експозитурите и филијалите или да ги користат за безготовинско плаќање низ трговската мрежа.
Заклучно со август, во ПИОМ се евидентирани 336.806 пензионери. Од нив 97.033 примаат пензии до 13.300 денари, 66.454 пензионери имаат пензиски примања до 16.000 денари, а 86.719 – до 22.000 денари. Износи над 22.000 денари добиваат 92.600 пензионери и во оваа група се највисоките пензии, кои се од 48.304 до 69.803 денари.