Во конкуренција од осум усклучително квалитетни театарски претстави, жири комисијата на второ издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“ 2023 ГРАН ПРИ наградата за најдобра претстава на фестивалот ја прогласи: „МОМЧЕТО СО КУФЕРОТ“ во изведба на Мал Театар „Душко Радовиќ”, од Република Србија во режија на Дамјан Кецојевиќ.
Претседател на жири комисијата беше Тин Грабнар, режисер од Словенија, а членови театрологот Миливоје Млаѓеновиќ од Србија и актерот Драган Довлев.
-Оваа возбудлива драмска приказна со актуелна содржина и сценски јазик и еруптивна актерска енергија, остава силен впечаток на сите генерации, стои во одлуката на жири комисијата за доделната Гран при награда, информираат организаторите.
Наградата за најдобра режија беше доделена на Дамјан Кецојевиќ за истоимената претстава, додека награда за најдобри актерски остварувања беа доделени на Јелена Илиќ и Недим Незировиќ за актерските остварувања во претставата „Момчето со куферот“. Наградата за најдобра сценографија е доделена на претставата „Шумата од песни“ во режија на Петер Кус, а во изведба на „Кускус“ институтот, Арт продукција од Љубљана, Словенија. Наградата за најдобри костимографија се доделува на Маја Мирковиќ, костимограф на претставата „Момчето со куферот“ во изведба на Мал театар „Душко Радовиќ“, Белград, Србија.
Специјалната награда за музика од жири комисијата отиде во рацете на Петер Кус, за претставата „Шумата од песни“. Жирито додели уште две специјални награди за севкупност на естетскиот израз на претставата „Бамби“ во режија на Јакуб Максимов, а во изведба на Театарот за деца и млади од Крагуевац, Србија и уште една специјална награда за имагинативно куклено мислење на претставата „ERROR 404“ во режија на Вагнер и Хулио Гало, а во изведба на театарот „Анхелес де трапо“ од Малага, Шпанија.
Годинава за прв пат беше доделена и Наградата за најдобра претстава од членовите на детското жири во состав: Тара Поповска, Уна Силјановска, Теофил Сачкарски, Неда Блажевска, Саша Димитриевска, Максим Ѓорѓиевски. Според нив, најдобра претстава на фестивалот е „Момчето со куферот“ во режија на Дамјан Кецоејевиќ, а во изведба на Мал театар „Душко Радовиќ“ од Белград, Србија.
Фестивалот годинава се одржа од 27 до 30 септември, под покровителство на Претседателот на Р. С. Македонија и со финансиска поддршка од Министерството за култура.