Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жосеп Борел, денеска соопшти дека предложил Украина да добие до пет милијарди евра следната година како дел од повеќегодишната соработка во рамките на европскиот механизам.
– Се надевам дека ќе постигнеме договор пред крајот на годината, рече Борел на заедничката прес-конференција во Киев со украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.
Европскиот механизам за поддршка на мирот, формиран во 2021 година, е инструмент на ЕУ за вонбуџетско финансирање на одбранбените и воените активности во рамките на Заедничката надворешна и безбедносна политика.
Кулеба повика на забрзување на правната процедура за предавање на замрзнатите руски средства на Украина.
Тоа би било од корист и за ЕУ и за Украина, изјави украинскиот министер за надворешни работи. Тој нагласи дека овие средства би можеле да помогнат во финансирањето на закрепнувањето на Украина по руската инвазија.