Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, одговарајќи на новинарски прашања во врска со партискиот состанок на СДСМ и дали постои кавга за тоа кој да биде кандидат за претседател од страна на партијата, вели дека се уште не е отворено тоа прашање.
– Прво, разговаравме за многу теми и прашања што се од државен и партиски интерес. Второ, не може да стане збор за никаков конфликт заради тоа што не се отвори тоа прашање и се уште не се разговара во партијата за тоа. Кога ќе дојде моментот, ќе разговараме и низ дијалог ќе се утврди тоа што е најдобро, истакна Спасовски.
Вели дека за нив е важен европскиот фронт, односно, опцијата, којашто нуди извесност на државата и на граѓаните, да ја добие довербата.
На прашањето каков интерес очекува да има поранешниот лидер на СДСМ Зоран Заев, кој беше виден на фотографиите на координативниот состанок на стратешкиот тим на партијата, Спасовски рече дека секој човек може да даде исклучителен придонес, од најобичен член се до некој кој бил претседател на партијата.
-Секако дека обединетоста, сплотеноста околу одредена идеја е најважна за успех, така што секој еден е добредојден во целиот европски фронт за напредок на државата, рече Спасовски.