17-годишно момче, со дијагностициран аутизам, кое во последно време покажувало поголема агресија од вообичаено, па родителите одлучиле да го однесат на опсервација и помош за справување со агресијата, во Психијатриската болница Демир Хисар било врзуван. Таму било хоспитализирано 5 седмици, за што доказ се раните кои ги има момчето по рацете и нозете.
„Го држеле врзан, со синџири. Кога го земавме дома низ целото тело имаше рани. Ние го однесовме за опсервација, да му се погоди терапијата. Не го однесовме да го малтретираат детето. Хоспитализиран беше 5 недели. Ни велеа да го извадиме надвор, но ние знаевме дека треба да се смири и тогаш да го земеме дома. Ѕвоневме, прашувавме и се консултиравме со докторите. Тие самите ни рекоа дека поради личната безбедност на син ми мораат да го држат врзан“, раскажа мајката Салка Абдуловска.
Момчето претходно посетувало училиште и дневен центар се до моментот кога влегува во пубертетот кој за лицата со аутизам е најтежок период во растењето на овие деца.
Министерот за здравство, Фатмир Меџити прашан за реакцијата на родителите на детето, рече дека детето со аутизам било лекувано според сите протоколи што ги даваат експертите по психијатрија.