Деведест и седум милиони евра европски неповратни средства ќе бидат наменети за модернизација и развој на македонското земјоделство преку ИПАРД 3 програмата. Финансиската спогодба за ИПАРД 3 денеска во име на Владата ја потпиша вицепремиерот за европски прашања и главен преговарач со ЕУ, Бојан Маричиќ, во присуство на евроамбасадорот Дејвид Гир и министрите за финансии Фатмир Бесими и за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.
Според Маричиќ, финансиската спогодба е суштинска за нашето земјоделство и е продолжение на успешната ИПАРД приказна во државава.
-Преку јакнењето на земјоделскиот сектор се приближуваме кон стандардите утврдени со заедничката земјоделска политика на ЕУ што е една од најважните и во која најмногу се вложува, а чија основна цел е поддршка на економската одржливост на руралните области, рече Маричиќ.
Добрата вест, како што рече евроамбасадорот Гир, е дека ИПАРД 3 ќе ги прошири можностите за инвестирање.
-Покрај традиционалните активности што ги поддржуваме за земјоделски стопанства и за фарми, ќе има поддршка и за повторно пошумување и заштита на шумите што е исклучително важно за климатските промени. Исто така и за советодавни услуги и за рурална инфраструктуира, како и можност за земјоделците да поднесуваат проекти што ги поттикнуваат оние групи на производители и во кратките синџири на снабдување, рече Гир.
Првите 30 милиони евра од ИПАРД 3 веќе се на располагање за инвестиции со првиот јавен повик од ИПАРД 3 програмата за мерките 1 и 7. Мерката 1 се однесува на инвестиции во основни средства на земјоделски стопанства, а приоритетни сектори се: растително и сточарско производство, производство на риба, преработка и маркетинг на сопствено земјоделско производство и инвестиции во обновливи извори на енергија за сопствени потреби. Мерката 7 е за диверзификација на фарми и развој на бизниси, а приоритетни сектори се: алтернативно земјоделско производство, преработка на алтернативни земјоделски производи, производство на прехранбени производи и пијалаци, производство на непрехранбени производи, поддршка на занаетчиски активности, поддршка на услуги за рурално население, поддршка на услуги во земјоделство и поддршка на рурален туризам.