Во ЕУ очекуваат колапс на пазарот за млеко

Европскиот одбор за млеко (ЕМБ) ги повика носителите на одлуки во Европската унија да преземат мерки против кризата со цел да се спречи колапс на пазарот за млеко, пренесува „Фармер“.

Во земјите-членки цените постепено паѓаат, а се поголем број производители се принудени да го прекинат производството и да ги затворат фармите. ЕМБ издаде итно предупредување дека Европа ќе загуби и економски и социјално ако кравите повеќе не се чуваат во руралните области и фармите не можат да продолжат да работат.

„Ние сме среде криза. Време е за акција!“, алармираше претседателот на ЕМБ и дански млекар Кјартан Поулсен.

Тој смета дека е време Европската комисија да преземе одговорност на ниво на ЕУ и конечно да го растерети пазарот на млеко со иницирање доброволно намалување на производството.

Претставниците на оваа организација наведуваат дека земјоделството е столбот на руралните региони и без него овие области едноставно би пропаднале. Тие нагласуваат дека конечно мора да се постават основите за одржлив економски и социјален развој за да се зачува биолошката разновидност.

Тие повикуваат на креаторите на политиките да создадат рамки за подобра распределба на маржите во синџирот на снабдување. Тоа во реалноста би значело дека цените ќе ги покријат трошоците на производителите и во исто време ќе обезбедат тие да останат достапни за потрошувачите.

Експертите на „Креди агрикултика“ прогнозираа дека до средината на годинава млечниот пазар ќе влезе во таканаречената надолна фаза на циклусот.

Во јуни тоа се случи на целиот европски, но и светски пазар, кога откупните цени беа драстично намалени, повеќе отколку што беше предвидено. Експертите истакнаа дека тоа е одраз на светскиот пазар на млечни производи, каде што во последните месеци има и нагло опаѓање на цените на широк спектар производи, главно путер, обезмастено и полномасно млеко во прав и сурутка.

Ова беше резултат на растот на производите во најголемите светски извознички земји, бидејќи во еден период, од почетокот на кризата со храна, профитабилноста во овој сектор беше релативно висока, без оглед на постојаниот раст на трошоците.

Треба да знаете
Последни објави