Писонеро: ЕУ има стратешки интерес за продлабочување на односите со Турција

ЕУ има стратешки интерес за продлабочување на меѓусебните односи со Турција и со нејзиниот народ, во услови на нестабилно опкружување во регионот на Источниот Медитеран, изјави денеска портпаролката на Европската комисија за соседство, проширување и меѓународни партнерства Ана Писонеро во врска со најавите од Анкара дека земјата би можела да се откаже од апликацијата за членство во Европската Унија. 

– ЕУ е подготвена за унапредување на конструктивните односи со Турција насочени кон заеднички просперитет и стабилност и базирани на посветеност на почитување на човековите права, владеење на правото, меѓународното право и регионална стабилност во интерес на сите наши граѓани, додаде Писонеро. 

Таа нагласи дека повеќе детали околу идните турски перспективи за членство во ЕУ ќе бидат познати по објавувањето на новиот план за проширување на Унијата, кој е во подготовка и кој се однесува и на Турција, како и на годишниот извештајот за напредокот на земјата во остварување на нејзините обврски поврзани со приближувањето до блокот.

Треба да знаете
Последни објави